САД со нова „казнена“ мерка кон Косово

773

Соединетите Американски Држави презедоа нова „казнена“ мерка кон Косово поради одбивањето на барањето на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весникот „Зери“ од свои извори дознава дека САД ѝ ги повлекле на косовската Влада поканите за учество во осум програми на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ во Германија.

Веста за одлагањето на овие програми за венсикот ја потврдила и Амбасадата на САД во Приштина.

– Амбасадата на САД може да потврди дека поканите за учество на Косово во осум програми, кои почнуваат во март и траат до септември, се одложени. Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ третира предизвици од транснационалната и регионалната безбедност. Тие предизвици се опфатени со овие семинари/програми – се наведува во одгворот на американското дипломатско претставништво.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај упорно го одбива американското барање за укинување на таксата кон Србија и БиХ, што беше причина Амбасадата во Приштина да не му издаде виза за молитвениот појадок, кој на почетокот на месецов се одржа во Вашингтон, во организација на претседателот Доналд Трамп.

Освен тоа, поради истата причина, пред неколку недели беше одложена и посетата на Косово на висок претставник на војската на САД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...