Американската администрација ја разгледува идејата за бомбардирање на ирански објекти поврзани со нуклеарната програма, објави денеска израелскиот весник „Ерусалим пост“ повикувајќи се на неименувани извори во Обединети нации.
– Се работи за фосфорно бомбардирање кое ќе има една, конкретна цел – истакна неименуван извор за „Ерусалим пост“.
Според израелскиот весник за бомбардирањето на ирански објекти разговарале високи воени претставници, како и претставници на Пентагон и советници на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тоа било тема на разговор во Белата куќа пред изјавите на Иран за зголемување на производството на збогатен ураниум.
Претседателот Трамп не покажал ентузијазам за воено решение на иранскиот проблем, но сепак може да даде дозвола на совет на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, наведува „Ерусалим пост“.
Иран вчера објави дека во следните десет дена ќе ги зголеми резервите на ураниум, кои се одредени со Договорот од 2015 година, чија цел беше ограничување на иранските нуклеарни капацитети. Техеран соопшти дека има потреба од збогатен ураниум до 20 отсто, што е само еден чекор од нивото доволно за изработка на нуклеарно оружје. Иртан веќе четирикратно фо зголеми производството на збогатен ураниум, тврдејќи дека тоа е „врз основа на потребите на земјата“.
Таквата одлука уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година ги повлече САД од Договорот и воведе нови санкции кон Иран. Техеран минатиот месец предупреди дека ќе започне збогатување ураниум на повисоко ниво доколку светските сили во рок од 60 дена не ја заштитат иранската економија од американските санкции.