САД му понудиле милиони долари на капетанот на иранскиот танкер да им помогне да го запленат

395

Американскиот Стејт департмент му понудил милиони долари на капетанот на иранскиот танкер што се најде во центарот на дипломатскиот судир заради сомнежот дека превезува нафта за Сирија, јави Би-Би-Си.

Брајан Хок од американското министерство му пишал порака на капетанот на танкерот „Адријан Дарја“, а во неа бара во замена за пари бродот да застане на место каде САД ќе можат да го запленат.

Се уште постојат сомневања дека танкерот превезува нафта за Сирија, а од истите причини во јули беше запленет од Велика Британија, кај Гибралтар. Ослободен беше на крајот од минатиот месец, откако иранските власти дадоа гаранции за тоа каде ќе се упати. САД се обидоа да го спречат ослободувањето на танкерот, а откако не успеаја веднаш издадоа наредба за негово запленување.

Веста за паричната понуда вчера прв ја објави весникот „Фајненшел Тајмс“, а потоа ја потврди и Стејт департментот.

Весникот пренесува дека капетанот Кумар ја игнорирал пораката. Шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавид Зариф на Твитер ги обвини САД за „невидениот обид за поткуп“’.
Танкерот „Адријан Дарја“, што претходно се викаше „Грејс 1“, во моментов се наоѓа во источен Медитеран, а откако е ослободен веќе неколку пати го менува правецот на пловење.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...