Американскиот Стејт департмент и Јапонија ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Кина, каде што бројот на починати од новиот коронавирус се зголеми на 213, и откако Светската здравствена организација прогласи вонредна здравствена состојба на глобално ниво поради коронавирусот.
Стејт департментот издаде ново предупредување, откако пред три дена исто така ги предупреди Американците да избегнуваат патувања во Кина поради ширењето на коронавирусот.
Во исто време, јапонското Министерство за надворешни работи ги повика граѓаните да не патуваат во Кина поради можноста за натамошно ширење на новиот вирус.
Јапонија претходно ги предупреди своите граѓаните да не патуваат во кинескиот град Вухан, кој е жариште на коронавирусот.
Според најновите податоци, од коронавирусот починале 213 луѓе, додека 9.692 се заразени, соопшти кинеската Национална комисија за здравство. Во рок од 24 часа починаа уште 43 лица.