Ги повикуваме сите наши сојузници и партнери да ги откажат трансакциите со Русија што може да доведат до воведување санкции според Законот за спротивставување на американските непријатели преку санкции (CAATSA), соопштија од Стејт департментот во писмениот одговор за „Гласот на Америка“ за испораките на рускиот противвоздушен ракетен систем „Панцир С“ на Србија.
– Во разговорите со високи владини претставници, ние повеќе пати изразивме загриженост поради набавка на руска воена опрема од страна на Србија, вклучително и на набавка на системот Панцир – изјави портпарол на Стејт департментот за Гласот на Америка.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, околу набавката на првиот дел од рускиот противвоздушен ракетен систем „Панцир С“, кој пристигна минатата сабота во Србија, реагираа и од ЕУ преку писмен одговор за Гласот на Америка, на Питер Стано, портпарол на Жозеп Борел, висок преставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
– За да напредува на патот на евроинтеграциите, Србија треба да ја усогласи својата надворешна политика со надворешната политика на Европската унија, согласно преговарачката рамка – кажа Питер Стано за Гласот на Америка.
– Владата на Србија ја смета интеграцијата во ЕУ како стратешки приоритет на земјата. Очекуваме Србија да се однесува согласно обврски кои ги има преземено – оцени Стано.
Говорејќи за новата испорака на руско оружје за Србија, генерал-полковник Фредерик Бен Хоџис, поранешен главен командант на американските копнени сили, за Гласот на Америка изјави дека не ја разбира потребата од овој одбранбен систем на Србија.
– Се прашувам за што служат овие системи? Од кого Србија смета дека треба да се брани? Западот е неуморен во изнаоѓањето начини да и пријде на Србија. И тој не претставува никаква закана за Србија – изјави во саботата Хоџис за „Гласот на Америка“.
Србија, кандидат за членство во ЕУ, одржува блиски односи со Русија, земја која е на мета на меѓународни санкции поради анексијата на украинскиот полуостров Крим и улогата што ја игра во прорускиот бунт во источна Украина.
Во исто време, Србија е активна членка на Партнерството за мир (програма за воена соработка спонзорирана од НАТО) и потписник на Договорот за воена соработка на Србија и Русија од 2013 година.
Поради зголемената набавка на оружје од Русија, американскиот специјален претставник на државниот секретар за Западен Балкан, Метју Палмер, минатата година изрази загриженост на САД заради присуството на руската воена опрема во Србија.
Официјални претставници на ЕУ, како и бројни извештаи на Европската комисија (документи со кој се проценува напредокот и квалитетот на реформите на земјата на патот кон членството во ЕУ) укажуваа на потребата Србија во голема мера да ги усогласи своите приоритети за надворешна политика со политиката на ЕУ.
Покрај Русија, Србија развива блиски политички и економски врски со Кина.
Исто така, Руската Федерација го поддржува српското раководство во надворешно-политички прашања, како што е спорот што го има со Косово. Преговорите меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, блокирани се од ноември 2018 година, соопшти Гласот на Америка на српски јазик.