САД испраќаат разурнувач во Оманскиот Залив

85

Американската армија соопшти дека го испратила својот разурнувач „Мејсон“ во реонот на Оманскиот Залив, каде вчера при експлозии беа оштетени два танкери.

Во соопштението на Централната команда на Вооружените сили на САД се наведува дека Вашингтон не е заинтересиран да се ангажира во нов судир на Блискиот Исток, но дека има намера да ги брани своите интереси во регионот.

Разурнувачот „Мејсон“ е упатен кон местото каде вчера одекнаа експлозии и избувнаа пожари на еден јапонски и еден норвешки танкер.

Норвешката поморска агенција соопшти дека биле регистрирани три експлозии на норвешкиот танкер „Фронт Алтер“, додека јапонската компанија БСМ информираше дека бил извршен напад врз нејзиниот танкер „Кокука Курејџес“.

Засега нема официјални потврди за причините за експлозиите. Првично беше соопштено дека е можно еден од танкерите да бил погоден од торпедо, но американската Армија денеска објави видео запис на кој, како што тврди, се гледа како припадници на иранската Револуционерна гарда отстрануваат неексплодирана мина од еден од двата танкери.

Армијата објави и фотографија на која се гледа магнетна мина, за која се тврди дека била прицврстена на нападнатиот јапонски танкер за нафта, пред да ја отстранат припадниците на иранската Револуционерна гарда.

Портпаролот на Командата, Бил Урбан соопшти дека брод на иранската Револуционерна гарда бил забележан како се приближува до јапонскиот танкер вчера во 16.10 часот по локално време.

– Тој е набљудуван и снимен како ја отстранува неексплодираната магнетна мина од танкерот „Кокука Курејџес“ – додаде Урбан.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео уште вчера, повикувајќи се на разузнавачки информации, изјави дека зад нападите врз танкерите стои Иран.

Ваквиот американски став го поддржа и Саудиска Арабија, која соопшти дека се согласува со САД оти нападите се дело на Иран.

– Немаме причини да не се согласиме со американскиот државен секретар Помпео – изјави саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир, додавајќи дека Иран и „претходно правел вакви работи“.

Техеран од своја страна соопшти дека нема никаква врска со двата инциденти, посочувајќи дека „некој се обидува да ги дестабилизира односите меѓу Иран и меѓународната заедница“.

Во меѓу време се огласи и кинескиот претседател Си Џинпинг, кој изјави дека Кина ќе продолжи да развива стабилни односи со Иран и покрај актуелните случувања.

Низ Оманскиот Залив минува една од најпрометните траси за транспорт на нафта во светот, по двата инциденти цената на енергенсот на светските берзи се зголеми за околу четири отсто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...