САД имаат докази дека сириските власти се одговорни за хемискиот напад во Дума на 7 април, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
– Со голема доза на сигурност сметаме дека (за нападот) е одговрна Сирија и по кој знае кој пат дел од пробеломот е тоа што Русија не стори ништо за да ја спречи, нагласи Сандерс.
Таа ја обвини Москва дека не презема ништо во врска со употребата на хемиско оружје и ги отфрли како неточни руските тврдења дека нападот во Дума бил исцениран.
– Нашите разузнавачки податоци кажуваат нешто друго. Но, засега не можам да соопштам ништо повеќе – додаде Сандерс.
Американскиот Стејт департмент, исто така, соопшти дека има докази кои со „голема доза на сигурност“ укажуваат оти хемискиот напад во Дума го извршиле сириските власти.
„САД се уште работат на утврдување на употребената смеса од хемикалии“, соопшти Стејт департментот.
Претходно денеска, како што јави МИА, директорот на Центарот за помирување на завојуваните страни во Сирија, Јуриј Евтушенко изјави дека вооружените сили на Русија не пронашле никакви траги дека во сирискиот град Дума бил извршен напад со хемиско оружје.
– Според изјави на сведоците, земените примероци и истрагите на локациите што ги спроведоа руските експерти и лекари во Дума, каде што се тврди дека е извршен напад со хемиско оружје, не се пронајдени траги на отровини супстанци. нагласи Евтушенко.
САД, Велика Британија и Франција рано изутринава извршија ракетни напади врз повеќе цели во Сирија, како одговор на обвинувањата дека сириските владини сили минатата сабота извршиле напад со хемискио оружје во градот Дума.
Рускиот претседател во реакција на сојузничката акција оцени дека за нападот врз Сирија бил искористен „исцениран случај на употреба на отровни супстанци против цивилното население во Дума“.
фото: EPA/JIM LO SCALZO