САД ја изразуваат својата загриженост поради грубо нарушените човекови права и насилствата наведени во извештајот за човекови права на ОН, се вели во синоќешното соопштение на американскиот Стејт департмент.
– Извештајот ја прикажува длабочината на безнадежноста и хуманитарната криза во Венецуела. Потврдува дека режимот на Николас Мадуро и неговите бандити грубо ги нарушуваат човековите права на народот во Венецуеал и им ги одземаат основните права на слобода преку систематска репресија, тортура и застрашувања – изјави портпаролката Морган Ортегус.
Се додава дека ОН обелодениле една од најзагрижувачките статистики за тоа како специјалните сили на бившиот режим на Мадуро убиле најмалку 5,287 луѓе во 2018 година и најмалку уште 1,569 до средината на мај 2019 година.
Се укажува дека во извештајот се наведени детали за измачувањето и ликвидацијата на Рафаел Акоста Аревало, офицер во морнарицата на Венецуела „кој починал откако бил задржан од бандитите на Мадуро и нивните кубански помошници“.
– Изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство и до најблиските – додаваат од Стејт департментот.
Се укажува дека ниту една диктатура не трае вечно.
– Венецуела наскоро ќе биде слободна а оние одговорни за злоупотребите и нарушените човекови права ќе одговараат. Меѓународната заедница треба да го осуди нелегитимниот режим на Мадуро“, се наведува во соопштението и се апелира до сите земји кои сеуште не го признале Хуан Гуаидо за вршител на должноста претседател на Венецуала да го сторат тоа.