Соединетите Американски Држави санкционираа девет лица и компании за кои се тврди дека се вклучени во руска и иранска шема преку која на сириската Влада и се обезбедувале милиони барели нафта, што е прекршување на американските санкции.
Американското Министерство за финансии соопшти дека мрежата за испорака на нафта обезбедувала стотици милиони долари за иранската Исламска револуционерна гарда, а средства исто така биле префрлани и на палестинската милитантна група Хамас и либанската милитантна група Хезболах. САД сите три групи ги смета за терористички организации.
– Денеска дејствуваме против сложена шема која Иран и Русија ја користат за да го зајакнат режимот на Асад и да генерираат средства за иранската малигна активност – изјави американскиот министер за финансии Стивен Мнучин во соопштение.
Меѓу вмешаните во шемата се Централната банка на Иран, медицинската и фармацевтска компанија „Тадбир Киш“ со седиште во Иран, сирискиот државјанин Мохамед Амер Алчвики, руската компанија на Алчвики „Глобал Вижн Груп“, и подружница на руското Министерство за енергија.
Министерството за финансии на САД соопшти дека шемата е пример за тоа како Иран ги користи приходите од продажбата на нафта за финансирање на терористичките организации и сириската Влада „на штета на сопствениот народ“.