Рускиот пијанист Денис Кожухин вечерва во Филхармонија

91

Познатиот руски пијанист Денис Кожухин вечерва од 20 часот ќе одржи рецитал во Камерната сала на Македонската филхармонија и ќе изведе дела од Менделсон (избор од „Песни без зборови“), Григ (избор од „Лирски пиеси“) и Прокофјев (Соната бр. 8).

-За критиката и публиката Денис Кожухин е „волшебник на пијаното“, затоа што неговата техника е беспрекорна и тој мудро ги комбинира сјајот и моќта на она што го изведува. Тој поседува одлично чувство за моделирање на формата, зрелост и уникатна чувствителност, информира Македонската филхармонија за рециталот на Кожухин, чиј ментор во последните неколку години е славниот пијанист и диригент Даниел Баренбоим.

Кожухин (1986) е етаблиран како еден од најголемите пијанисти на неговата генерација. Добитник е на првата награда на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Брисел.  Само во минатата сезона тој настапи со врвни оркестри, меѓу кои и со „Концертгебау“, Симфонискиот оркестар на Чикаго, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Филаделфија оркестарот, Кралската филхармонија во Стокхолм, Филхармонијата во Осло, Камерниот оркестар „Малер“, Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Берлинска филхармонија, „Карнеги хол“…,  со врвни диригенти како Темирканов, Кристијан Јарви, Петренко, Јамада…Како рецитален пијанист, настапите на Кожухин ги вклучуваат и „Концертхаус“ во Виена, Филхармонијата во Келн, „Вигмор Хол“, „Вербие“ фестивалот, Иитернационалните пијано-серии во Лондон, како и учеството на отворањето на „Пјер Булез“ концертната сала во Берлин заедно со Даниел Баренбоим.

Зад себе има неколку изданија со изведба на концерти за пијано и оркестар од Григ, Чајковски, соло-дела од Брамс…, за кои е добитник на наградите „Избор на уредникот“ на „Грамофон“ и „ЦД на месецот“ во магазинот „Фоно форум“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...