Руската државна телевизија прикажа цели на евентуален нуклеарен напад во САД

203

Руската државна телевизија прикажа американски воени објекти, кои Москва би ги гаѓала во случај на нуклеарен напад, наведувајќи дека хиперсоничните ракети што ги развива Москва, ќе бидат во состојба да ги погодат тие цели за помалку од пет минути.

Меѓу целите се Пентагон и претседателската резиденција во Кемп Дејвид.

Западни медиуми наведуваат дека извештајот, кој е „невообичаен дури и за агресивните стандарди на руската државна телевизија“, е емитуван вчера, само неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е подготвена за нова криза од типот на онаа со „ракетите на Куба“, доколку САД го сакаат тоа.

Во услови на тензија, која расте поради рускиот страв дека САД би можеле да распоредат нуклеарни проектили со среден дострел во Европа, по пропаѓањето на договорот за контрола на атомското оружјето од периодот на Студената војна, Путин најави дека Русија ќе биде приморана да одговори со поставување на хиперсонични нуклеарни ракети на подморници во близина на американските води.

САД тврдат дека немаат непосредни планови за распоредување на такви ракети во Европа, отфрлајќи го предупредувањето на Путин како неискрена пропаганда, наведувајќи оти во моментов немаат нуклеарни проектили со среден дострел, кои би можеле да ги постават во Европа.

Меѓутоа, одлуката на Вашингтон да го напуштат Договорот за уништување на ракети од среден и краток дострел (ИНФ) од 1987 година, со образложение дека Русија го крши, што Москва го негира, предизвикува стравувања дека САД ќе почнат да развиваат такви ракети.

Путин рече дека Русија не сака нова трка во вооружување, но ја засили својата воена  реторика.

Некои аналитичари сметаат дека неговиот пристап е тактика за САД повторно да се вклучат во разговори за стратешки баланс меѓу двете сили, нешто што Москва веќе одамна го бара.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...