Руски шегобијци, кои лажно се претставиле како новоизбраниот украински претседател Володимир Зеленски, наводно телефонски го побарале и разговарале со францускиот претседател Емануел Макрон по неделните избори во Украина.
„Шегаџиите“, познати како Вован и Лексус го побарале Макрон, а еден од нив се претставил како новиот украински претседател Зеленски.
На аудио снимка од 15-минутен разговор поставен денеска на Јутјуб се слуша како наводно Макрон му ја честита победата на Зеленски и му посакува да ужива во победата на претседателските избори во кругот на најблиските и семејството.
– Многу Ви благодарам за поддршката, со 73 отсто се чувствувам како Владимир Путин, тој има исти такви резултати – се пошегувал лажниот Зеленски.
Глас сличен на Макрон возвратил на шега дека постои барем една разлика со Русија, „се уште сите свои противници не сте ги испратиле в затвор“, одговорил францускиот претседател.
Еден официјален претставник од кабинетот на Макрон не сакал да го коментира видеото, истакнувајќи дека нема ниту да ја потврди, ниту да ја демантира неговата автентичност.
Инаку, Зеленски се сретна со Mакрон претходно овој месец во Париз.
Лексус и Вован се познати по тоа што им се јавуваат на високи државници ширум светот и се претставуваат како нивни колеги. Нивни „жртви“, меѓу другите, биле и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, британскиот пејач Елтон Џон и поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон.