Русија наскоро ќе распореди нов дивизион на противвоздушниот ракетен систем С-400 на Кримскиот Полуостров, јавија руските медиуми, повикувајќи се на армиски извори.
Во медиумските извештаи се тврди дека новиот ракетен дивизион на Крим ќе биде оперативен до крајот на годината.
Веста за засилувањето на руското воено приустсво на Ким доаѓа само три дена по инцидентот во неделата, кога руската армија отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе од Црното Море да влезат во Керченскиот Теснец. По вооружениот инцидент, руските сили ги задржаа украинските бродови заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.
Украинскиот претседател Петро Порошенко синоќа обвини дека Москва драстично го засилила своето воено присуство на границата со Украина, предупредувајќи на опасност од „тотална војна“ меѓу Украина и Русија.
– Бројот на тенковите во (руските) бази, што се наоѓаат на нашата граница, се зголеми тројно – истакна Порошенко, додавајќи дека драстично е зголемен и бројот на руски војници распоредени долж границата со Украина.