Русија ја укина забраната за увоз на македонско коскесто овошје

295

Од понеделник, Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската федерација, целосно ја укинува забраната за увоз на македонски коскесто овошје. Ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини.

– Увозот на праски и нектарини од  е одобрен, со гаранции од македонските надлежни фитосанитарни служби, дека истите потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (winter) honey. Дополнително, секоја пратка од праска и нектарина наменета за рускиот пазар, која потекнува од незаразено подрачје, ќе биде пропратена со веродостојни лабораториски анализи издадени од македонската државна фитосанитарна лабораторија со акредитирани методи за анализа на оваа габа – информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Забраната за извоз на коскесто овошје во Русија, стапи на сила во август минатата година, по потврденото присуство на штетниот организам во нашата држава. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализираше на крајот на април годинава.

– Инспекторите од руската федерална служба спроведоа детална контрола на функционирањето на целокупниот фитосанитарен систем. Оваа одлука е од големо значење за македонските извозници и за зголемување на извозот на земјоделски производи во Русија.

Руската Федерација е значаен економски партнер,  а трговската размена помеѓу двете држави бележи значителен пораст. Само во првите месеци од оваа година, за 90 отсто  е зголемен извозот на земјоделско- прехранбени производи во Русија, споредбено со истиот период минатата година – соопштуваат од Министерството.

Зголемениот извоз кон Русија во делот на земјоделско- прехранбените производи се должи, велат, пред се на извозот на јаболка, нo тренд на пораст се бележи и кај другите производи кои се извезуваат на рускиот пазар. Интензивирањето на економската соработка и зголемувањето на трговската ќе биде централна тема на наредната седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу двете држаби, што  ќе се одржи на крајот на септември во земјава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...