Претседателот на САД, Доналд Трамп го иницираше еден и пол часовниот телефонски разговор со неговиот руски колега, при што Владимир Путин побара олеснување на санкциите за Северна Кореја и предупреди САД да не се мешаат во внатрешните рaбти на Венецуела, соопшти рускатa амбасада во Вашингтон.
Според Фејсбук статуст на амбасадата објавен викендов, разговорот траел еден и пол час и двајцата разговарале „за заемните заложби за започнување дијалог во повеќе области, вклучувајќи и прашања од стратешка стабилност“. Дека разговорот траел повеќе од еден час, претходно потврди и Сара Сандерс, портпаролка на Белата куќа.
Должината на разговорот и начинот на кој Трамп го опиша разговорот со претседател на странска држава, кого многумина го сметаат за непријател на земјата, ги разбранува духовите кај демократските коментатори и либералната јавност во САД.
По одржаниот разговор, Трамп преку две Твитер соопштенија укажа дека уште „пред да започне Ловот на вештерки, многупати реков дека добро е да се има заемно разбирање со Русија, Кина“. Додаде дека со Путин разговарал за „трговијата, Венецуела, Украина, Северна Кореја, контрола на нуклеарното оружје и дури и за руската мистификација“.
Последното е алузија на она што Трамп често го нарекува „Рашагејт“ или „лов на вештерки“.
Во вториот твит по повод разговорот испратен во саботата, американскиот претседател повторно укажа дека телефонскиот дијалог со Путин бил „многу добар“.
– Огромен потенција за добри, големи односи со Русија и покрај тоа што го гледате и читате во лажните вести и медиуми. Погледнете како тие ве водеа во заблуда во однос на Заговорот со Русија – напиша Трамп на Твитер.
Најмногу одглас и чудење предизвика однесувањето на Трамп кое се случи за време на протоколарното фото и видео снимање пред средбата со премиерот на Словачка. Претседателот тогаш ја укори новинарката која праша дали тој го предупредил Путин, Русија да не се меша во изборите во 2020 година.
– Вие сте многу груба – ѝ возврати Трамп, и укажа дека за тоа не станалo разговор. На прашањето дали разговарале за извештајот на Роберт Малер, Трамп одговори дека „Путин се насмеал за тоа дека шумата се тресела, а се родил глушец. Но тој за тоа знаеше, знаеше дека нема никаков заговор“.
Во таа прилика Трамп истакна и дека Путин „нема намера да се меша во кризата во Венецуела и сака да види во земјата да настапи нешто позитивно“, и дека разговарале за хуманитарна асистенција.
Многумина коментатори ваквиот однос на Трам кон првиот човек на Русија го окарактеризираа како „наивност“ и „зачудувачки“.
Истакнатиот коментатор и водител во „Си-Ен-Ен“, Фарид Закарија, посочи на „зачудувачката противречност на Трамп со својот државен секретар Мајк Помпео, кој само два дена претходно говореше дека Николас Мадуро ја има целосната поддршка на Русија и потврди дека кога овој бил подготвен да ја напушти земјата, Москва го наговорила да остане“.
Според друг коментатор на „Си-Ен-Ен“ „телефонскиот разговорот со првиот човек на странска држава одговорна за вмешаност во американските избори и со убеденоста во лагата на Путин дека Русија не интервенира во Венецуела, Трамп се однесува како портпарол на Путин“.