Русија ги повикува сите земји да ја поддржат изјавата за недозволивост на нуклеарната војна, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на дискусијата на 74-та сесија на Генералното собрание на ООН.
– За да спречи понатамошна ескалација на тензиите, Русија презеде голем број иницијативи. Претседателот Владимир Путин објави одлука да не се распоредуваат ракети со среден и краток дострел во Европа и другите региони, доколку Американците се воздржат од тоа. Поканети се САД и НАТО да се приклучат на овој мораториум. Ние повеќе пати му предложувавме на Вашингтон да ги започнеме преговорите за продолжување на Договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје – рече Лавров.
Тој додаде дека Русија, заедно со Кина, се залагаат за постигнување правно обврзувачки документ за да спречат трка во вооружувањето во вселената.
– Реакцијата на САД и нејзините сојузници, засега, не дава надеж. Загрижува немањето одговор и на нашите предлози пред американските колеги уште пред една година: на највисоко ниво да се донесе руско-американска изјава за неприфатливост на нуклеарна војна во која не може да има победник. Ги повикувам сите земји да ја поддржат оваа иницијатива – рече Лавров.
Тој најави дека Русија на тековната седница на Генералното собрание на ООН ќе поднесе предлог-резолуција за зајакнување на контролата на оружјето.
– Усвојувањето на резолуцијата ќе биде голем придонес за создавање услови за успешно одржување конференција за реализација на Договорот за неширење на нуклеарното оружје наредната година – рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија посочи дека филозофијата на Западот не оди во чекор со времето и дека тешко прифаќа да ја намали својата доминација во светските работи.