Московската полиција откри тајна лабораторија во близина на рускиот главен град, во која дневно се произведувале околу 25.000 таблети екстази – изјави денеска портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Ирина Волк.
Лабораторијата е откриена во една приватна куќа, каде што се пронајдени и околу 30 килограми непозната прашкаста материја, како и контејнери со течност, електронски ваги, респиратори и опрема за производство на таблети.
Како што истакна Волк, дрогата од лабораторијата со железнички и авионски превоз е префрлана во други делови на Русија, а откриена е откако бил уапсен патник во воз на релација Москва – Астрахан со над 200 грама екстази.
Против три лица се покренати кривични пријави поради незаконско производство, продажба и пуштање во промет на големи количества наркотични средства.