Русија заработи 120 милијарди долари од Договорот за намалено производството на нафта

Стабилноста на пазарот во првата половина од следната година може да се обезбеди со намалување на производство на нафта, што не исклучува можност за продолжување на важењето на постојниот договор меѓу нафтениот картел и неговите сојузници, вели рускиот министер.

282

Русија заработи речиси 120 милијарди долари дополнителен приход благодарејќи на договорот за намалување на производство на нафта, пренесува Б92.

-За време на две години колку што важеше договорот „ОПЕК +“, Русија оствари најмалку 120 милијарди долари дополнителен приход, покажуваат процентите – изјави рускиот министер за енергетика Александар Новак во интервју за весникот „Комерсант“.

Тој наведе дека ниските цени на нафтата создаваат дополнителни проблеми за државниот буџет и целокупната економија и оти нивното нагло опаѓање може да влијае на националната валута и стапката на инфлација.

– Од таа причина важна е проценката на ефектите од соработката со државите од ОПЕК во однос на економијата на нашата земја – додаде Новак.

Тој додава дека стабилноста на пазарот во првата половина од следната година може да се обезбеди со намалување на производство на нафта, што не исклучува можност за продолжување на важењето на постојниот договор меѓу нафтениот картел и неговите сојузници.

Договорот меѓу 15 членки на ОПЕК и партнерски земји, предводени од Русија, кој беше склучен на почетокот на декември на средба во Виена, предвидува намалување на производството на сурова нафта за 1,2 милиони барели дневно во текот на првите шест месеци од следната година.

Новиот договор претставува продолжување на претходниот, кој беше потпишан кон крајот на 2016 година со цел намалување на производството на нафта за околу милион барели дневно по намалувањето на цената на тој енергент, кое почна кон средината на 2014 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...