Русинката Екатерина Федјаева (27) умрела во агонија откако по грешка на лекарите била жива балсамирана.
Нејзината мајка ги обвинила лекарите за „убиство“, бидејќи пациентката по грешка ја приклучиле на инфузија со формалин (раствор со формалдехид), кој се вбризгува во телото на починатиот за да се забави распаѓањето на телото.
Екатерина била примена во болницата во родниот град Уљановск поради рутинска хируршка интервенција, но поради грешка на лекарот два дена имала неподносливи болки и грчеви, пред да падне во кома. Ја приклучиле на апаратите за одржување во живот и нејзиното срце повеќепати престанувало да работи. Кога со авион ја пренеле во болницата во Москва, се разбудила од кома, но сепак, починала од последици на откажување на органите.
Мајката на Екатерина, Галина Баришњикова и нејзиниот сопруг Игор ја посетиле кога по операцијата била вратена на одделението.
– Нозете и се тресеа, имаше конвулзии, целото тело и се тресеше. И облеков чорапи, потоа и бањарка, ја покрив со ќебето, но и понатаму целата трепереше, се тресеше – рекла мајката.
Непрекинато ја мачеле болки во стомакот и повраќала.
– Луѓето кои ја оперираа знаеја дека и вбризгале нешто погрешно. Требало да преземат итни мери, но не направиле ништо – рекла очајната мајка Галина.
Откако состојбата на Екатерина се повеќе се влошувала, Екатерина ја пренеле на одделението за интензивна нега. Галина ги побарала лекарите и ги затекнала како „дебатираат за тоа да и кажат дека направиле страшна грешка“. Сепак, не и ја рекле целата вистина, туку само дека е во прашање медицинска грешка, дека нејзината ќерка е во кома, а дека срцето, белите дробови и црниот дроб не функционираат. Потоа пациентката ја преместиле во регионалната клиника и дури тогаш родителите ја дознале вистината.
– Наместо физиолошки раствор, и вбризгале формалин – рекла очајната мајка.
На клиниката примениле 52 лекови во очајнички обид да и го спасат животот, за потоа да ја префрлат во Москва, каде што Екатерина починила.
Екатерина била погребана на 7 април, а во тек е кривична истрага за случајот.