Руичи Сакамато на „Скопје синема сити“

82

Во Кинотека на Македонија од 6-ти до 10 јуни ќе се одржува летното издание на фестивалот „Скопје синема сити“ во чија програма централно место има музиката и нејзиното филмско претставување.

Директорот на фестивалот Ненад Георгиевски изјави дека фестивалот е обединувачка платформа каде што се застапени повеќе содржини и компоненти преку филмската програма.

– Тој нема натпреварувачки карактер, односно изборот на филмови не се прави само од понова продукција, туку се селектираат филмови од најразлични години на продукција, земји и автори со цел да се прикаже ширината и богатството на музиката и светот којшто таа го инспирира или којшто е инспириран од неа – истакнува Георгиевски.

Во изминатите четири години фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви, на Леонард Коен и на „Крафтверк“, а оваа година „Скопје синема сити“ ќе му оддаде почит на големиот јапонски филмски композитор Руичи Сакамото, преку прикажување на филмот „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот беше прикажан премиерно лани на филмскиот фестивал во Венеција, како и на годинашното Берлинале.

Руичи Сакамото е познат како сестран уметник и неговите достигнувања во музиката се светски познати, почнувајќи од поп-изданијата и соработките со уметници како Дејвид Силвијан, Бил Ласвел, Иги Поп, Лори Андерсон, Хектор Зазу, па до бројните филмски проекти, како „Среќен Божиќ, г-не Лоренс“, серијата филмови во соработка со реномираниот режисер Бернардо Бертолучи „Последниот кинески цар“, „Чај во Сахара“ и „Малиот Буда“. Неодамна тој беше актуелен и со музиката за филмот на Алехандро Инариту „Повратникот“ за кој Леонардо ди Каприо доби Оскар.

– Фестивалот ја продолжува традицијата – во 2015 му додели признание на Дејвид Боуви за достигнувањата во областа на филмот и музиката, а оваа година со истото признание ќе се закити и Руичи Сакамото. На некаков начин филмот „Кода“ и неговите поттеми, како активизам, креативност и животните приказни кои придонеле за да се создаде таа музика и случувања, ги обојуваат темите на филмовите кои ќе се прикажат на годинашниот фестивал – соопшти „Скопје синема сити“.

Фестивалот е организиран со поддршка на Агенцијата за филм, а одделни компоненти се поддржани и од Министерството за култура.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...