Владата ќе стори сѐ што е во нејзина моќ да обезбеди рационално и одржливо експлоатирање на рудните богатства од инвеститорите во рудниците, а истовремено да се обрне максимално внимание на зачувувањето на животната средина и социјалната благосостојба на околното население.
Ова го изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по врачувањето на плакети на 12 најдобри рудари, номинирани од нивните работодавачи, и благодарници на шест здруженија и институции за посебен придонес во рударството
Тој нагласи дека Македонија има големо и непроценливо богатство од минерални суровини и затоа, како што рече, особено значајно ни е оваа гранка да се развива и да обезбеди економски раст за државата.
Претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов изрази сочувство до семејствата на загинатите рудари и нивните колективи во Крива Паланка и во Скопје кои се случија непосредно пред Денот на рударите. Тоа, како што рече, претставува уште една опомена дека многу треба да внимаваме на рударите и на рударските семејства.
Николов смета дека Закон за минерални суровини е еден од најчесто менуваните закони во Македонија.
– Тој има место за надополнување, но не по скратена постапка туку со длабоки анализи на сите стручњаци од овој сектор – рече Николов.
Во рударството и придружните секотори кои го опслужуваат има над 10 илјади вработени. Рударството и вадењето на камен учествува со 8,31 отсто во вкупното индустриско производство во државата.