Почнаа рударските активности на новото рудно тело „Боров дол“, кое треба да го продолжи векот на единствениот рудник за бакар и злато „Бучим“-Радовиш. Управителот на новиот рудник, Николајчо Николов, истакна дека машините почнаа со отстранување на 13 милиони тони јаловина над рудата, а официјално експлоатацијата ќе почне меѓу април или мај 2020 година, која со помош на подвижна трака долга седум километри ќе се транспортира до постојната флотација во рудникот „Бучим“. Инвестицијата која ја прави рудникот изнесува 50 милиони евра.
– Веќе се почнати подготвителни работи. Имаме и заклучено договор за изградба на регионален пат долг околу четири и пол кимолетри и овде и во концесискиот простор. Тука ќе има доста активности што е и добро, бидејќи многу од градежните фирми од Република Македонија, па и од нашата околина ќе бидат ангажирани. Ни претстојат значителни работи, што ќе значи и финансиски средства за градежниот сектор воопшто – вели Николов.
Во земјава по 30 години ќе се отвори ново рудно тело, кое за рударите на „Бучим“ ќе значи дека ќе продолжат да работат, наместо да се стави катанец на рудникот.
Николов истакна дека веќе е и порачана новата рударска опрема, која се состои во нови дампери, односно неколу тонски рударски камиони, рударски дупчалки и багери.
Тој забележа дека една од причините за доцнењето на овој проект е и тоа што во земјава имаше протести против рудниците во југоисточна Македонија.
„Боров дол“ се простира на територија на општините Конче и Штип и само на четири отсто од територијата на Радовиш.
Според истражувањата на новото рудно тело има рудни резерви од 48 милиони тони бакар, што ќе значи и работа на овој рудник за наредните десет години. Предвидени се и дополнителни сто вработувања. Николов забележува и дека додека не се почне со експлоатацијата на „Боров дол“ веќе имаат и план да не се стопира работата на постојниот рудник до 2020 година.
– Во рудникот „Бучим“ имаме три и пол милиони тони рудни резерви. Тоа е доволно за работа за осум месеци во 2019 година и затоа таму ќе правиме дополнителни работи за експлоатација на останатата руда. Тоа ќе предизвика и дислокација на одредени објекти во рудното тело Чуката 2, како што е машинската работилница, бензиската станица и управната зграда на тоа рудно тело под кои се наоѓа посиромашна руда. Но ќе мораме и таа руда да ја земеме со цел да немаме застој во работата на рудникот „Бучим“ – истакна Николов.
Според него, секој застој во рудниците е тежок и затоа се одлучиле и на оваа инвестиција.