Анархистичката група „Рубикон“ презеде одговорност за упадот на група лица во дворот на грчкиот Парламент и фрлените пиротехнички материјал и бои врз ѕидовите на објектот, јави дописничката на МИА од Атина.
Групата се огласи кусо по нападот, нагласувајќи дека на тој начин му се изразува поддршка на еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, Димитрис Куфодинас, кој е осуден на 11 доживотни затворски казни, а од 2 мај штрајкува со глад.
Преку опширен текст пропратен со фотографија, членовите на „Рубикон“ детално ги објаснуваат причините за нападот.
– Наспроти Куфодинас и битката што ја води, се обединија сите црнила на моќта – длабоко десничарската држава, СИРИЗА, аристократските семејства на демократијата, фашистите, големи бизнисмени и папагалите од медиумите. Но, не само локалните црнила. САД преку Амбасадата постојано притискаат и во позадина и во првите редови – пишува во соопштението на „Рубикон“ и се додаваат дека „победата на штрајкувачот со глад Куфодинас, ќе биде победа на големото општествено мнозинство“.
Групата најави и дека дополнително ќе објави видео од нападот.
Како што претходно објави МИА, 15-тина минути по 14 часот по локално време, група членови на „Рубикон“ преку скалите над споменикот на Незнајниот јунак успеаја да стигнат до дворот на Парламентот и да фрлат бои и пиротехнички материјали врз објектот.
Грчкиот Парламент се наоѓа на плоштадот Синтагма во строгиот центар на Атина и важи за еден од најдобро обезбедуваните објекти.