Британската влада е категорично против идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи за поделби на територии, изјави синоќа амбасадорот на Велика Британија во Косово Руари О’Конел, во интервју за приштинската телевизија Т7.
– Границите се пишуваат со зборови, но се менуваат со куршуми, изјави О’Конел – додавајќи дека промената на границата меѓу Косово и Србија би предизвикала и други преседани на Балканот.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Приштина, рече дека не ја гледа разликата меѓу „корекција на границата“, како што тоа го нарекува Тачи, и размена на територии.
Според О’Конел, нормализација на односите меѓу Косово и Србија во моментов нема, но финалниот дијалог и конечниот договор тоа бездруго ќе го донесат.