Рохани со ултиматум до Западот, ќе го задржи вишокот збогатен ураниум

75

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска предупреди дека Иран ќе престане да се придржува до одредени делови од нуклеарниот договор и им даде рок од 60 денови на земјите потписнички да го исполнат своите обврски, посебно за банкарските и нафтените сектори.

Рохани наведе дека преку писма ги известува светските лидери оти Техеран нема да се придржува до ограничувањата за резервите со збогатен ураниум и тешка вода. Тој посочи дека Иран ќе го задржи вишокот збогатен ураниум и тешка вода и даде рок од 60 денови да се одредат нови услови на нуклеарниот договор.

– Доколку истече рокот, а не се постигнат подобри услови, Иран ќе почне со поголемо збогатување на ураниум. Доколку другите земји ги исполнат барањата, Иран ќе се врати на првичните ветувања од нуклеарниот договор од 2015 година, наведе Рохани во писмата испратени до лидерите на Велика Британија, Кина, Европска Унија, Франција и Германија.

Писмото не е испратено до Русија.

Обраќањето на Рохани се совпаѓа со годишнината од повлекувањето на САД од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...