Претседателот на Иран, Хасан Рохани денеска го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не се повлекува од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, потпишан во 2015 година или во спротивно ќе се соочи со „тешки последици“.
– Им кажувам на тие во Белата куќа дека доколку не се придржуваат до своите обврски, иранската Влада силно ќе реагира. Доколку некој го изневери Договорот, треба да знае дека ќе се соочи со тешки последици, изјави Рохани.
Со Договорот потпишан помеѓу Иран и шестте светски сили (САД, Русија, Германија, Велика Британија, Франција и Кина), Техеран ја стопира својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите кон Техеран.
Трамп претходно го оцени Договорот како еден од најлошите склучени договори, а во јануари годинава им постави ултиматум на Велика Британија, Франција и Германија да се усогласат за корекциите на тоа што САД ги гледаат како „недостатоци“ на потпишаниот документ, а во спротивно повторно ќе воведе санкции. Последниот рок за тоа е 12 мај.