Државниот министер надлежен за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот денеска од Тирана упати апел до албанските политичари да ја превземат одговорноста која им припаѓа и да не го попречуваат членството во ЕУ.
Рот по средбата со неговиот домаќин министерот Дитмир Бушати, посочи дека во Албанија престојува за да и честита на земјата за успехот, нагласувајќи дека таа е на добар пат кон ЕУ.
– Убеден сум дека Албанија ќе продолжи по патот на реформи да созаде солиден правен систем и неазвисно правосудство – изјави Рот.
Тој посебно го поздрави текот на процесот на прочистување на правосудните институции и полицијата во Албанија, од корумпирани лица или лица кои биле или се дел од криминални структури, популарно наречен „ветинг“. Според него битно е да се подигне свеста кај политичките актери во Албанија за овој процес.
– Со „ветингот“ Албанија изодува пат каков што не изминала ни една земја во регионот. Проверката е тежок процес, мора да има голема свест од опозицијата и од владата.Податокот дека до сега дури 14 судии и обвинители се отстранети од системот потврдува дека луѓето сфатиле оти Владата е сериозна во напорите за создавање независен правсуден систем – рече Рот, нагласувајќи дека политичарите треба да ги преземат своите одговорности и да не ја попречуваат интеграцијата.
Бушати, на заедничката прес-конференција со Рот изјави дека Албанија прави сигурни чекори кон интеграцијата во ЕУ.
– Колку повеќе чекори ќе направиме кон ЕУ, толку посигурен станува процесот. На внатрешниот план мораме да напредуваме со реформите – рече Бушати.
Во врска со прашањето за нелегалните мигранти и подигањето бегалски кампови во Албанија, Рот рече дека ова прашање нема никаква поврзаност со интеграцијата на земјата во ЕУ и оти нема никаков услов од ваква природа.
– Заинтересирани сме сите страни да најдеме заедничко паневропско решение за мигрантите и азилантите. Основата во изнаоѓањето на овие решенија ќе бидат вредности кои не обединуваат, солидарноста и хуманоста и во тој контекст Албанија и Македонија се добредојдени да дадат свој придонес. Сакам да кажам дека прашањето за интеграција нема никаква врска со оваа проблематика – рече Рот.
Рот, кој во Тирана допатува доцна попладнево ќе се сретне и со премиерот Еди Рама, со раководството на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, како и со претставници на опозицијата и граѓанското општество, а утре доаѓа во посета на Македонија.