Во Општина Шуто Оризари не постојат културни институции и поради тоа нема предуслови за континуиран и организиран културен живот на Ромите. Овој факт се одразува на бројот на одржани и реализирани културни активности во ова населено место во кое треба да се негува и чува културата и културниот идентитетот на Ромите.
Здружението на жени Ромки „ЕСМА“ преку реализација на вкупно 16 работилници во период од март до крајот на јуни го имплементираше проектот „Белези на мојот град“ финансиран од Министерството за култура на РМ. Целта на проектот беше развивање на традиционалните вредности кај младите Роми од Скопје и приближување на старите културни вредности на младите генерации од литературен аспект.
Проектната активност беше формирање на литературниот клуб со 80 млади Роми, ученици од 6,7 и 9 одделение и средношколци, од трите општини Чаир, Центар и Шуто Оризари кои имаат желба и потенцијал за литературно творење и учество на едукативни работилници за културата на Ромите, историја на Ромите, ромскиот јазик како белег за идентитет и првите пишани дела од Роми. По реализација едукативни работилници младите Роми имаат можност сами да творат свои литературни дела.
-Како здружение на граѓани се залагаме да ја подигнеме јавната свест за индивидуалните ставови, верувања и однесувања во однос на културната разновидност, подобро разбирање на сопстевната култура, разбирање и прифаќање на културата на другите (во конкретниот случај ромската култура), како и почитување на другите, ефективна интеракција со луѓето од различни култури. Нашето залагање за зачувување на културните вредности на Ромите го потврдуваме со имплементирање на проектот „Белези на мојот Град“ преку промовирање и одржување на активности од културен карактер – изјави Надире Селман претседателка на здружението.
Одржувањето на настанот е завршната активност на која ќе учествуваат познати ромски автори со членовите на литературниот клуб на здружението и заедно ќе ги претстават своите литературни дела пред поканетите претставници од владини и невладини институции и локалното население со што ќе се исполни очекуваниот резултат – негување и зачувување на културната традиција на Ромите, како и афирмација на личното културно творештво на младите Роми.