Романот „Само дојди си дома“ на Андреј Е. Скубиц, објавен на македонски

Романот е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „Кресник“.

151

„Македоника литера“ од Скопје, неодамна го објави романот „Само дојди си дома“ од словенечкиот писател Андреј Е. Скубиц, во превод од словенечки јазик на Давор Стојановски.

„Само дојди си дома“ (2014), кој е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „Кресник“ за 2015 година, опфаќа многу актуелна и претходно необработена тема во словенечката книжевност: политичките тајкуни и корупцијата. Во вителот од настани, кои може истовремено да се читаат како крими-фикција и како драма, критиката препознава и референтни точки од познатиот јавен живот (на пр., аферата Чиста лопата) и на актуелни состојби во Словенија.

Ова е амбициозен и неверојатно читлив роман, со рафиниран фокус, динамичен дијалог и со комплексни ликови. Романот е анализа на состојбата на општествениот и на политичкиот морал, но без морализирање; на машко-женските односи во ултракапиталистичкото општество, но без сексизам; и на вонвременските теми како искушението, човечката интимност, општествениот успех и пад.

Леон Берден го губи престижното работно место во адвокатската канцеларија, откако на прес-конференција ги разоткрива нечесните деловни зделки на својата странка. Иако во очите на јавноста станува јунак, самостојната канцеларија што ја отвора му останува релативно празна. Напнатост се појавува и во семејството, поради неговиот пад – грижата за домашните финансии ја презема сопругата, која добива функција на државна секретарка, а тој мора да ја преземе улогата на негувател на ќерката. Покрај сето тоа, Леон се заплеткува и со некогашната соученичка, а сегашна новинарка, која се интересира за вистинската причина поради која доаѓа до прекршувањето на доверливоста кон клиентот.

Романот е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „Кресник“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...