Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од хрватската писателка Дубравка Угрешиќ, која пред десетина дена беше прогласена за Роман на годината во Хрватска.
– Се работи за роман, автобиографија, патопис, во кој авторката на духовит начин се пресметува со современата книжевна сцена и со глобалните трендови, не без иронија, на своја сметка и на сметката на сите оние што се обидуваат да живеат од креативно творење во свет што признава само успех и пари. Што е книжевноста денес, која е нејзината улога и, уште поважно, која е улогата на писателот, дали е тој само кловн што патува низ светот, дали воопшто е возможно сè уште да се раскажуваат приказни, дали е возможно само така да се создаде роман и да се измисли приказна, како и кој има контрола над текстот, авторот или самата приказна – сите овие прашања ги поставува „Лисица“, наведува „Антолог“ за книгата која од хрватски на македонски ја преведе Кристина Велевска.
Дубравка Угрешиќ (1949) е хрватска писателка, преведувачка, есеистка, филмска и телевизиска сценаристка. Дипломирала општа и компаративна книжевност и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Работела повеќе од дваесет години на Институтот за теорија на книжевноста. Од 1993 година живее и работи во Амстердам. Предавала на многу универзитети. Соработува со неколку американски и европски литературни списанија. Добитничка е на многу реномирани книжевни награди.