Соочени со критики дека Владата на Романија не е подготвена за преземање на ротирачкото претседавање со Европската Унија, романски официјални претставници денеска истакнаа дека се „добро подготвени“ и дека внатрешните политички поделби во земјата се дел од предизборната состојба.
Државниот секретар за европски прашања Џорџе Чамба изјави дека романската Влада е подготвена за претседавање.
– Не гледам на тоа прашање како техничко и политичко. Ние сме подготвени. Во секоја држава членка има политички несогласувања и тоа нема да запре. Не е само така во Романија, мораме да го признаеме фактот дека доаѓаат европски избори и ќе има политизирање во цела Европа – додаде Чамба.
Изјавата на Чамба претставува реакција на ставот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој во интервју за „Велт ам Зонтаг“ изрази сомнеж во капацитетите на Букурешт, со што крена голема прашина само два дена пред романското преземање на претседавањето со ЕУ.
– Имам сомнежи бидејќи Владата во Букурешт не разбра во целост што вклучува претседавање со членки на ЕУ… Внатрешната политичка ситуација во Романија е таква што земјата не може да настапува единствено во Европа. Земјата треба да биде обединета за да може да бара единство во Европа за време на претседавањето – изјави Јункер за германскиот весник.
Досега не се памети дека некој претседател на Еврокомисија толку директно и отворено го критикувал следно претседателство на ЕУ.