
Во Бразил е родено првото бебе по пресадување матка од починат донор – објави медицинското научно списание „Лансет“. „Во Сао Паоло на 15 декември 2017 година, со царски рез се роди здраво женско дете, тешко 2,5 килограми. Матката, по десетчасовна операција, била пресадена во 2016 година кај 32-годишна жена, која е родена без матка.
По раѓањето на бебето, матката ѝ била извадена за да се спречи тешкиот имунолошки третман. Девојчето е здраво и се развива нормално“ – пишува „Лансет“.
Досега се направени 39 пресадувања на матки од живи донори, со што се родени 11 бебиња, но ова е прв успешен случај на раѓање по пресадување матка од починат донор. Имаше неуспешни обиди во САД, Чешка и во Турција.
– Користењето починати донори може значително да го зголеми пристапот до овој третман и тоа дава нова можност за жените што страдаат од неплодност поради одредени фактори на матката. Оваа успешна демонстрација има неколку предности во однос на живите донорски трансплантации: таа се базира на поголем потенцијален број донори, поевтино е и ги избегнува ризиците за живиот донор – истакна доктор Дани Ајзенберг, раководител во Универзитетската болница во Сао Паоло.