Холивудскиот актер и режисер Роберт Редфорд ги повика Американците да гласаат против Доналд Трамп на претседателските избори следната година, оценувајќи дека, заради доброто на земјата, време е да се заврши неговата „маскирана монархија“.
Во авторски текст за Тинк платформата на Ен-Би-Си њуз, Редфорд оцени дека САД се соочуваат со криза „каква никогаш не видел во животот“, односно „ о напади на Трамп врз се за што оваа земја се залага“ и кои „наликуваат на напади на диктатор“.
– Време е Трамп да си замине, заедно со оние во Конгресот кои ја избраа партиската лојалност пред заклетвата дека „свечено потврдуваат“ поддршка за Уставот на САД. И на нас е да го овозможиме тоа да се случи, преку силата на нашите гласови – наведе Редфорд.
Иако напоменува дека не гласал за Трамп, Редфорд додава дека му дал шанса и се надевал на најдоброто, но тоа не се исплатело, пренесува Холивуд репортер.
Тој смета дека е „длабоко вознемирувачко“ тоа што сега се случува во САД, оценувајќи дека место Соединети Американски Држави постојат „Разединувачки Американски Држави“.
– Оваа маскирана монархија е толку исцрпувачка и хаотична што ни најмалку не е изненадувачки што толку многу граѓани се разочарани – наведе Редфорд.