Македонската кореографка Рисима Рисимкин деновиве престојува во Ѓинан во Кина, каде што во Драмскиот театар на Чангдонг, работи како кореограф на драмската претстава „Електра“ во режија на истакнатиот албанско/американски режисер Адонис Филипи.
Ова е прва соработка на Рисимкин со драмски театар во Кина, таа во 2016 година имаше премиера со Танцовиот театар „Nine Contemporary Dance Theater” од Пекинг. На 22 октомври 2018, Рисимкин ќе има нова премиера на современата танцова претстава, под наслов „Секвенци“ во Ханџо, Кина.
Од 11 јуни Рисимкин ќе биде гостин на вториот Арт Форум, помеѓу Кина и земјите на Југоисточна и Централна Европа, во рамки на проектот „16+1“, кој се одржува во Ченгду, под покровителство на кинеското Министерство за култура.
На покана на кинеската страна Рисимкин ќе има презентација за досегашните искуства и соработки со кинески уметници. Презентацијата ќе се одржи на Свеченото отворање на форумот, Рисимкин ќе зборува заедно со директорката на Фестивалот за современ танц „The New“ од Пекинг, Кси Зао.