Во Македонската опера и балет (МОБ) вечерва ќе биде изведена операта „Риголето“ од Џузепе Верди под диригентство на Бисера Чадловска.
Режисер е Нина Најденова од Бугарија, за сценографијата се погрижи Живојин Трајановиќ, костимите се на Марија Пупучевска, додека зад кореографијата стојат Саша Евтимова и Киро Павлов.
Улогата на „Риголето“ му е доверена на Ристе Велков, а настапуваат и Наде Талевска-Спасовска (Џилда), Зоран Сотиров (војводата од Мантова), Александар Стефаноски (Спарафучил),…
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики на луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста. Оваа трагична приказна за љубомората и одмаздата е напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“. Раскажана е со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку и на прекрасните арии и мелодиската структура.