Еден од најголемите пијанисти на денешната генерација, Денис Кожухин од Русија, ќе одржи рецитал во понеделник во Камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот.
За критиката и публиката, Денис Кожухин е „волшебник на пијаното“, затоа што неговата техника е беспрекорна и тој мудро ги комбинира сјајот и моќта на она што го изведува. Тој поседува одлично чувство за моделирање на формата, зрелост и уникатна чувствителност. Во последниве неколку години, негов ментор е славниот пијанист и диригент Даниел Баренбоим.
Во Скопје, рускиот пијанист ќе изведе дела од Менделсон (избор од „Песни без зборови“), Григ (избор од „Лирски пиеси“) и Прокофјев (Соната бр. 8).
Денис Кожухин е добитник на првата награда на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Брисел. На свои 23 години, Кожухин (1986) се етаблира како еден од најголемите пијанисти на неговата генерација.