Реформа на Фондот за ПИОМ која ќе поддржи и раст на економијата

361

По серијата домашни анализи и предупредувања и извештаи на релевантни меѓународни организации, особено четири прашања остануваат отворени – до кога ќе може Буџетот да го помага Фондот, ќе има ли пари за пензии за идните пензионери, ќе може ли реалниот сектор да издржи дополнителни оптоварувања и дали постои соодветен сооднос на уплатениот придонес и максималната пензија. Во својот последен Извештај и Светската банка предупреди дека државниот пензиски фонд е доведен во опасност, а во прашање е доведена и одржливоста на Фондот и на среден рок и на долг рок. Проблемот го лоцираа во новокреираните работни места субвенционирани од Владата кои практично значат помали приходи во касата на Фондот. Дополнителен ризик кој ќе притиска врз касата на Фондот е иселувањето на младите работоспособни луѓе кои се важни за полнење на Фондот. Вкупната бројка на досега отселени од земјава е огромна, а во најголем дел се работи за младо работоспособно население, што предизвикува односот „вработен – пензионер“ да станува сè помал, а самото тоа ја загрозува тековната одржливост на Фондот.

Структурата на проблемот со Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија започнува уште пред скоро три децении. Имено, во периодот 1991-1998 година Република Македонија има најголем пад на вработувањето. Заклучно со 1998 година, скоро 35% од населението било невработено, а дијагонално спротивно на тоа бројот на пензионери пораснал за 69%. Бизмарковиот модел може и е применлив да функционира така што најмалку или минимум тројца вработени да издржуваат еден пензионер, но во 1991 година тројца вработени издржувале еден пензионер, а сега односот е околу 1,6 вработени издржуваат еден пензионер.

Истовремено, од 2000 година наваму има побрз пораст на расходите за пензии од изворните приходи на Фондот на ПИОМ, што го зголемија дефицитот во Фондот. Порастот на дефицитот во Фондот на ПИОМ пред се` е резултат на два клучни фактора:

– воведувањето на вториот столб во 2006 година и преносот на средства од првиот кон вториот столб и
– втор повеќе значаен фактор, кој има сериозно влијание започнувајќи од 2008 година, е неусогласениот тренд на зголемување на пензиите, во повеќе наврати, кој е најчесто над износот предвиден за усогласување и над стапката на пораст на домашната економија.

До 2008 година, економијата, во просек, растела за 3,1%, а пензиите за 2,9%, додека по 2008 година, економијата растела, во просек 2,4%, додека пензиите речиси тројно повеќе или за 6,5%. Дополнително, помалиот пораст на приходите во Фондот на ПИОМ, главно, беше движен и од намалувањето на стапката на социјалните придонеси од 21,2% на 19% во 2009 година и на 18% во 2010 година.

Притисокот што пензискиот систем го прави врз јавните финансии исто така е важен сегмент на одржливоста на системот. Пензиите учествуваат со 10% во домашниот бруто-производ и во последниве две децении бележат раст за 2%. Исто така, трансферите од буџетот на Република Македонија за надополнување на недостигот на средства во пензискиот фонд се зголемија двојно во истиот период. Трансферите од буџетот се зголемуваат, како резултат на намалениот број осигуреници и истовременото зголемување на бројот на корисниците на пензии анализирано во периодот од 2001 до 2009 година. Од 2010 година, трансферите забрзано растат, пред се` како резултат на намалувањето на стапката на придонеси и ад хок зголемувањата на пензиите.

Но, она за што досега релативно малку било говорено и експонирано во јавноста е постоењето на енормна разлика помеѓу соодносот на највисок износ за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување како основица на којашто се плаќаат придонесите и максималниот износот на пензија кој може да биде исплатен.

Во Република Македонија највисоката основа за пресметување на придонеси од 01.01.2018 година е определена на ниво од шеснаесет просечни месечни плати, додека пак највисоката пензија која може да биде исплатена е само два пати поголема од просечната плата, што значително и сериозно отстапува споредбено со уредувањето на системот на пензиско осигурување во европските земји кои уредуваат највисок износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија кој може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот „pay-as-you-go“).


Како што покажуваат податоците добиени од анализите кои ги спроведе Стопанската комора на Македонија, единствено во Република Македонија постои толку голема разлика помеѓу соодносот на највисок износ на кој се плаќаат придонеси и највисок износ на пензија којшто може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување. Највисоката основа за пресметување на придонеси која беше определена на ниво од 12 просечни месечни нето-плати (од март 2015 година до декември 2017 година) со највисоката пензија која може да биде исплатена е само 1,66 пати поголема од просечната плата, што претставуваше можност за искористување само 13,87% од уплатените средства. Доколку се анализира споредбено со постојната основица од 16 просечни нето плати воспоставена од јануари 2018 година на која се уплатувааат придонесите, највисоката пензија која може да се оствари во моментот во РМ е само 2 пати поголема од просечната плата и укажува на уште помала стапка на можноста за искористување од 12,74%. Од анализата може да се забележи дека со измените на Законот за задолжително социјално осигурување кои се во примена од 2018 година и со кој се зголеми највисокот износ на кој се плаќаат придонеси од 12 на 16 просечни нето плати, во Република Македонија постои највисоката основа за пресметување на придонеси, а соодносот на максималната основица и максималната пензија е најнизок, имено плаќаме најмногу, а користме најмалку.

Овој сооднос, на највисок износ на кој се плаќаат придонесите и износот на максималната пензија која може да се исплати во Република Македонија е најголем компарирано со земјите од регионот и ЕУ, а таквиот голем сооднос претставува, ако може да се каже и демотивирачки фактор на вработените кои остварувааат поголеми примања, а воедно на тоа и плаќаат и поголема висина на придонеси во текот на својот работен век, а правото на максимална пензија која можат да ја остварат е пониска од соседството и од земјите од ЕУ. При вакви состојби се јавува една латентна, прикриена намалена продуктивност на истите, а како таква индиректно, а и директно би се одразила на економскиот раст.

Затоа, одржливоста на пензискиот систем не може и не смее да се темели единствено на зголемување на највисоката основа за пресметка на придонеси и зафаќања на релативно мал број на обврзници, кои со несразмерните зафаќања се доведени во состојба да плаќаат најмногу, а користат најмалку споредено со сите земји од регионот и ЕУ.
Поради наведеното, како најголема бизнис асоцијација во земјата сакаме да укажеме на потребата за итна реформа на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, но реформа која ќе поддржи и раст на економијата.

Реформата треба да опфати промена на уредувањето на методологијата за пресметка на обврските по основ на плаќање на придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување во функција на солидарната, но и во функција на пазарната компонента, а сето тоа во насока на креирање на уредувањето на соодносот помеѓу највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси и највисок износ на пензија што може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот „pay-as-you-go“) и тоа или преку намалување на максималниот износ на кој се плаќаат придонеси, или преку зголемување на највисокиот износ на пензија која може да биде исплатена од државниот фонд. Потоа, за решавање на дефицитот во Фондот на ПИОМ решението треба да се бара и во запирање на постојаното зголемување на пензиските издатоци и нивно сведување најмногу на растот на економијата, запазувајќи го моментот на зголемување на конкурентноста на македонската економија, која ќе овозможи раст на вработеноста, платите и животниот стандард, а со тоа и пораст на приходите на Фондот. Трето, социјалните пензии не треба да се на товар на Фондот на ПИОМ бидејќи истите се социјална мерка. Потоа, она што е особено битно за реалниот сектор е да се користат комбинираните реформи на пензискиот систем, бидејќи даваат подобри резултати и главно поради фактот што тие го распоредуваат товарот од пензиската реформа на сите засегнати страни. Пензиската реформа треба да биде комбинирана со цел товарот да се подели помеѓу моменталните генерации, помеѓу засегнатите страни, додека пак имплементацијата да биде постепена и скалеста за да не ја загрози и онака кревката економија.

(Автор: м-р Анета Трајковска, в.д. оперативен директор на Стопанската комора на Македонија)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...