Во Градскиот трговски центар синоќа беше отворен ресторанот „Umbrella“, каде се вработени десет лица со попреченост.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека планот за работењето на ресторанот, каде ќе има и вработени лица со попреченост, е единствената идеја што навистина ќе даде придонес кон она кое Владата постојано го зборува, а тоа е дека сите граѓани во Република Македонија треба да ги гледаме како потенцијал.
– Можеби онаа деинституализација што ја зборувавме на почетокот, што ја пишувавме во програми, звучеше тешко, неважна за нашето опшество, но во суштина е многу важна – нагласи Царовска.
Посочи дека со тоа правиме лицата со попреченост од изолираните институции да бидат донесени во заедницата, да работат, и како што потенцираше, заедно да се смееме и заедно да споделуваме.
– Колку повеќе научиме да сакаме и да ги прифаќаме различните, толку подобро општество ќе имаме, толку подобра Македонија ќе имаме – порача Царовска.
Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев посочи дека со задоволство ја прифатил идејата.
– Сите сме исти, сите сме еднакви и сите имаме и можност и сите мора да ја имаме таа можност да можеме да заработиме и да можеме сами, со поддршка на сите околу нас, да си обезбедиме нормален приход и нормален и пристоен живот во нашата земја – истакна Богоев.
Професорката Софија Георгиевска изрази задоволство што била дел од проектот, односно дел од обуките кои ги имале лицата со попреченост.
– Идејата потекнува од сопственикот на локалот. Станува збор за идеја што е многу благородна. Идејата е да се вработат лица со попреченост, меѓутоа ова да биде место што ќе биде препознатливо по добра услуга и по многу насмевки – наведе Георгиевска.
Информираше дека проектот во најголема мера е финансиски поддржан со средства на сопственикот на локалот, посочувајќи дека се добиени донации и од осум компании.
Проектот ужива поддршка од Министерството за труд и социјална политика, Општина Карпош и Агенцијата за вработување, додека Филозовскиот факултет се јавува како партнер од аспект на кадар и поддршка со студенти.