Стариот градски пазар во Ресен ќе добие сосема нов лик. Целосната реконструкција предвидува проширување и обновување на кровната конструкција, декоративно санирање на тезгите како и изведба на индустриски под, соопшти Министерството за локална самоуправа.
– Реконструкцијата на пазарот е само дел од активностите за подобрување на конкурентноста на Пелагонискиот плански регион. Сакаме да дадеме придонес кон одржливиот развој. Овој проект е од особена важност за жителите на населените места кои гравитираат околу Ресен бидејќи продажбата на земјоделски производи претставува сериозен извор на приходи за нив – изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
Проектот треба да поттикне зголемување на трговијата, а воедно и на производството на земјоделски производи на регионално и национално ниво.
– Општина Ресен и Преспа ќе добијат модерен пазар кој што ќе ги задоволува потребите на жителите на оваа општина според сите норми и стандарди, а, во исто време преспанските пазарџии ќе добијат подобри услови за продажба на своите производи. Реконструкцијата на пазарот е од големо регионално значење бидејќи на овој простор ќе се продаваат стоки од Пелагонискиот регион, а исто така треба да се напомене и близината на соседните држави Грција и Албанија и важноста за развојот на трговијата – потенцира Живко Гошаревски, градноначалник на Општина Ресен.
Реконструкцијата на пазарот ќе чини над 3.5 милиони денари, над 95 отсто од средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, а остатокот е од буџетот на Општина Ресен.
-По реконструкцијата на регионалните зелени пазари во Битола, Прилеп и Демир Хисар, годинава работиме на реконструкција на пазарот во Ресен. Инвестицијата опфаќа реконструкција и проширување на кровната конструкција и препокривање на делот со тезгите за продажба на овошје и зеленчук со челична конструкција, декоративно санирање на бетонски тезги како и изведба на индустриски под – додаде Гого Видимче, директор на Центар за развој на Пелагонискиот планински регион.