Република Српска доби нова Влада, Вишковиќ премиер

126
Новата Влада на Република Српска (РС), чиј премиер е Радован Вишковиќ, е избрана доцна синоќа во Народното собрание.

По 13-часовна седница, половина час по полноќ, за изборот на Вишковиќ гласаа 54 пратеници, против беа девет, а воздржани четворица.

Изборот на членовите на новата Влада го поддржаа 54 пратеници, 13 беа против, а двајца воздржани.

Во ентитетската Влада осум министри се од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), тројца од Социјалистичката партија (СП), двајца од Демократскиот народен сојуз (ДНС), по еден од Демократскиот сојуз – Демос, Обединета Српска (ОС) и Народниот демократски сојуз (НДС).

Од кадрите на СНСД, Драган Лукач останува министер за внатрешни работи, нова министерка за финансии е Зора Видовиќ, ресорот правда и натаму ќе го води Антон Касиповиќ, а министер за здравство и социјална заштита е Ален Шераниќ.

Нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Борис Пашалиќ, а министер за градежништво, просторно планирање и екологија останува Сребренка Голиќ.

Министер за европски интеграции и меѓународна соработка е Златан Клокиќ, а новото Министерство за научно-технолошки развој и високо образование ќе го води Срѓан Рајчевиќ.

Тројцата социјалисти во Владата на РС се Петар Џокиќ, кој ќе раководи со Министерството за енергетика и рударство, Душко Милуновиќ е нов министер за труд и боречко-инвалидска заштита, а Соња Давидовиќ е нова министерка за семејство, млади и спорт.

Од Демократскиот народен сојуз, Неџо Трниниќ, останува во ресорот сообраќај, а Лејла Решиќ во Министерството за управа и локална самоуправа.

Министер за стопанство и претприемништво е Вјекослав Петришевиќ од Народниот демократски сојуз, а министерка за трговија и туризам е Драгица Ковач од Демократскиот Сојуз. Министерка за просвета и култура е Наталија Тривиќ од партијата Обединета Српска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...