Со засадување дрво чинар, кратки читања, музика, проекции на слики и видеа, на 27 април во Дебар Маало ќе се чествуваат ликот и делото на драматургот Горан Стефановски, а во организација на Општина Центар.
На овој ден, на 67 роденден на драматургот Стефановски, на крукчето спроти „Наџак“ Македонците ќе имаат можност да го чествуваат својот прочуен син во скопското маало каде што се формирала неговата личност во детството, маало што Горан најмногу го сакаше. Во малото паркче ќе биде поставена и клупа со скулптура на Стефановски.
Минатиот месец, на 23 март, во преполната Кентербериска катедрала, Кентербериското хорско друштво со Англискиот камерен оркестар го изведе Моцартовиот „Реквием“ во спомен на Горан Стефановски. Кентербериската катедрала е мајка-црква на Црквата на Англија, чиј надбискуп е втор поглавар на Црквата, по кралицата.
„Реквиемот“ му беше посветен на Горан Стефановски во програмата на концертот, и најавен од деканот на Кентербериската катедрала, кој му посака добредојде на амбасадорот од Македонија. На овој начин, Кентербери му оддаде почест на човекот кој последните шеснаесет години од својот живот предаваше драматургија на Универзитетот Крајст Чрч и беше исклучително популарен прoфесор и сакан колега.
Универзитетот ќе го чествува неговиот живот на 15 јуни годинава кога голем број негови поранешни студенти ќе се вратат во својата Алма Матер за овој настан.
На 29 март, пак, од другата страна на Ламанш, во Париз, се одржа читање на „Диво месо“ од Горан Стефановски на француски, во превод на Марија Бежановска и во режија на Доминик Долмие, во рамките на деветтото издание на фестивалот ’l’Europe des theatres во Maison d’Europe et d’Orient на улицата Шарентон. Доминик изјави:
– Дојдоа многу луѓе, вистински им се допаднаа текстот и читањето. Таму беа речиси сите актери од театарската група, сите тие играа бесплатно, за Горан. Мислам дека тој седеше меѓу нас.
Романските преведувачи Михаела Чернути-Городечи и Никола Вангели на 21 март му испратија на семејството на Горан примерок од книгата со седумте драми што ги превеле на романски – „Лет во место“, „Тетовирани души“, „Сараево“, „Хотел Европа“, „Жив човек“, „Одисеј“ и „Figurae Veneris Historiae“, а ги објави „Едитура Артес“. Преведувачите напишаа:
– Со болка во срцата ви испраќаме книга која првобитно требаше да му донесе малку радост на еден брилијантен драмски автор и прекрасна личност, кому многу му се восхитувавме. Се надевавме дека ќе му биде драго да знае дека на романските читатели ќе им станат достапни и други негови дела, со што ќе се зголеми бројот на неговите верни обожаватели ширум светот. Како што излезе, сега можеме само да посакаме да бевме побрзи. Длабоко жалиме што не ги завршивме овие преводи една или две години порано. За жал, мислевме дека имаме многу време…
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски во превод на англиски на Патриша Марш-Стефановска, вдовицата на Горан им се доставени на издавачите исто така во минатиот месец. Драмите што ќе се објават се „Црна дупка“, „Кула Вавилонска“, „Сараево“, „Одисеј“ и „Figurae Veneris Historiae“. Во биографските белешки Патриша напиша:
– По неговата смрт беа искажани многу пофалби за неговата брилијантност како автор и професор, како и восхит и љубов за него како човек со голема мудрост, скромност и добрина.