Регулаторот Петров со тројца колеги ги оштетиле граѓаните за 6,6 милиони евра

3026

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против лицата Димитер Петров (51), претседател и член на Регулаторна комисија за енергетика до јуни 2018 година, С.Ј. (61) вработена како член на Комисијата,  како и В.К. (65), член на Комисијата до март 2017 година и Е.М.В. (51), вработена како член на Комисијата до декември 2017 година.

Полицијата се сомнева дека тие сториле кривично дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 став 1 од КЗ на РСМ.

Имено, пријавените ги прекршиле Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, кога во декември 2012 година на три правни субјекти им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности (регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија), без при тоа да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември 2012 година со Јавен повик за избор на носител на лиценца за регулиран производител на топлинска енергија, Јавен повик за избор на носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и Јавен повик за избор на носител на лиценца за снабдување на топлинска енергија.

Според документираните сознанија од истрагата тие, во 2012 година донеле Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител, на правното лице Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергја на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на правното лице Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ.

Покрај ова пријавените 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, противправно и спротивно на Правилникот за цени и системски услуги, донеле Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход за производство на топлинска енергија за греење, надоместок за системски услуги и системска резерва и тарифен став за произведена топлинска енергија, Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и Одлука за утврдување на регулиран максимален приход за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија, со што на правните субјекти на кои претходно, противправно, им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности им се признавал трошок поголем од дозволениот и со тоа им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход.

Со преземање на горенаведените дејствија, односно со носење одлуки спротивно на Законот за енергетика, Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности и Правилникот за цени и системски услуги, Д.П., С.Ј., В.К. и Е.М.В. му овозможиле на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, а на штета на граѓаните – да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 409.549.941 денари или 6.659.349 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...