Реган, Шварценегер…кои сè познати личности пред Зеленски станале политичари

64
ФОТО: МИА

Пред глумецот Володомир Зеленски, кој вчера победи во вториот круг на претседателските избори во Украина, неколку познати личности, од Роналд Реган до Џорџ Веа, тргнаа по патот на политиката и стигнаа до највисоките државни функции.

Американецот Роналд Реган е прва филмска ѕвезда која стана претседател на држава. Првично спортски коментатор на радио, потоа глумец во филмови на т.н. Б-продукција повеќе од 20 години, Реган во 1966 година е избран за гувернер на Калифорнија. Тој во 1981 година стана 40. американски претседател, кој е избран и за втор мандат.

Арнолд Шварценегер, некогашен мистер универзум, а потоа и холивудска ѕвезда, е избран за гувернер на Калифорнија во 2003 година. По потекло од Австрија, Шварценегер седум години управувал со најнаселената и најбогата американска сојузна држава.

На Филипините глумецот Џозеф Естрада влезе во политиката во 1969 година, кога е избран за градоначалник. Подоцна беше сенатор и потпретседател. Естрада во 1998 година станува претседател на државата, но е сменет три години подоцна поради обвинувања за корупција.

Глумецот Џими Моралес во октомври 2015 година е избран за претседател на Гватемала. Како филмски продуцент и телевизиски водител, Моралес стана популарен во 2007 година по улогата на наивниот каубој по име Нето.

Во Перу познатиот глумец Салвадор дел Солар стана министер за култура во 2016 година, а премиер во март 2019 година.

ФОТО: EPA/ETTORE FERRARI

Италијанскиот телевизиски тајкун Силвио Берлускони трипати беше премиер од 1994 до 2011 година. И покрај постојаните проблеми со судството, тој ја предводеше италијанската десница 25 години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...