Реакција на Вашингтон по неуспехот на Косово за членство во Интерпол: Со овој резултат губиме сите

1207

Амбасадата на САД во Приштина, по денешното гласање на Генералното собрание на Интерпол против зачленувањето на Косово во организацијата смета дека таквиот исход е резултат на српската кампања против Косово и притисоците што Белград подолго време ги врши врз одредени земји за да гласаат против, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на Амбасадата на САД се наведува дека Косово заслужува да биде членка на светската полициска асоцијација.

– Полицијата на Косово е целосно интегрирана и способна институција, која јасно има докажано дека помага во растурањето на меѓународните терористички групи, кибер криминалот, шверцот со наркотици, оружје и луѓе – се посочува во соопштението.

Таму се наведува и дека мнозинството членки на Интерпол, „и покрај кампањата, предводена од Србија, против зачленувањето на Косово“, сепак гласаа „за“ барањето на косовската полиција.

Вашингтон порачува дека „поддршката за зачленување на Косово во Интгерпол никогаш не била за признавање на независноста на Косово, туку за јакнење на меѓународната соработка на полето на спроведувањето на законот и за затворање на една критична празнина на безбедноста на Блаканот“.

– Со овоj резултат губиме сите – заклучува дипломатското претставништво на САД во Приштина.

САД, се истакнува во соопштението, ќе продолжи да го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија, кој се води со посредство на Европската Унија.

– Сега повеќе од кога и да е двете страни треба да ги интензивираат нивните напори за постигнување договор за целосна нормализација, што ќе биде единствениот начин за двете земји да напредуваат кон зачленувањето во ЕУ. Србија и Косово треба да сфатат дека нивниот пат кон европската иднина оди преку нормализација. За да се постигне тоа ги охрабруваме двете земји да ги избегнуваат провокациите и да работат заедно за постигнување договор – се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Приштина.

ФОТО: Викимедија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...