Реакции на одлуката на шпанскиот Врховен суд

Каталонија е во сериозен момент. Осудени се 12 чесни луѓе и демократи. Секогаш дејствувале во демократска смисла. Да се осудат е навреда за демократското и каталонското општество. Ние апелираме за ставање крај на репресијата, ослободување на политичките затвореници… на амнестија која би требало да биде крајна точка за сите оние кои претрпеле репресии, посочи Тора.

108

Одлуката на шпанскиот Врховен суд за долгогодишните затворски казни за девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права предизвика различни реакции во Мадрид и во Барселона.

Шпанскиот технички премиер Педро Санчез изјави дека затворските казни изречени за каталонските сепаратисти мора да бидат извршени.

Тој предупреди дека неговата привремена Влада го следи развојот на ситуацијата во Каталонија, за да реагира „цврсто и пропорционално“ на секое кршење на јавниот ред.

Откако Врховен суд на Шпанија денеска осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор поради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година, жителите на Барселона излегоа на спонтан протест.

Денешната одлука на шпанскиот Врховен суд ја прокоментира и шпанскиот министер за надворешни работи во техничката Влада и иден европски комесар Жозеп Борел.

– Ниту еден европски Устав не би овозможил еднострано прогласување на независност на дел од територијата, посочи Борел.

Тој апелираше да се вложат напори за политичко и социјално опоравување, бидејќи обидот за прогласување на независност на Каталонија е осуден на пропаст.

Врховниот суд на Шпанија денеска издаде и европски налог за апсење на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон, кој од 2017 година е во егзил во Белгија.

Тој одлуката на Врховниот суд на Шпанија ја оцени како „свирепа“

Пуџдемон раководеше со Каталонија во време кога имаше обид за прогласување независност во 2017 година, за кое и им се судеше на каталонските лидери.

– Време е за реакција….. за иднината на нашите синови и ќерки. За демократијата. За Европа. За Каталонија“, напиша Пуџдемон на Твитер.

Во меѓувреме, актуелниот каталонскиот лидер Квим Тора пресудата за каталонските лидери ја оцени како „навреда за демократијата“.

– Каталонија е во сериозен момент. Осудени се 12 чесни луѓе и демократи. Секогаш дејствувале во демократска смисла. Да се осудат е навреда за демократското и каталонското општество. Ние апелираме за ставање крај на репресијата, ослободување на политичките затвореници… на амнестија која би требало да биде крајна точка за сите оние кои претрпеле репресии, посочи Тора.

Тој додаде дека треба „да се оди напред без изговори, на патот кон република Каталонија“.

Тора побара и итен состанок со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.

Додека шефот на каталонската дипломатија Алфред Бош истакна дека затворските казни за каталонските лидери не го решаваат проблемот туку само го влошуваат и апелираше за меѓународен дијалог и дипломатско решавање на проблемот помеѓу покраината и Шпанија.

– Затворските казни наметнати за каталонските лидери претставуваат историска грешка, која наместо да го решава проблемот, само го влошува проблемот, потенцира Бош.

Тој ја повика и меѓународната заедница мора да заземе активна улога во решавање на проблемите помеѓу Каталонија и Шпанија и оти „никој не смее да молчи пред оваа кршење на основните човекови права“.

– Владата на Каталонија отсекогаш е на став дека овој судир не може да се реши со понатамошен судир и апелира на меѓународен дијалог и демократско решение, истакна Бош.

Тој додаде дека одредени поединци се судени само поради нивните политички идеи.

Критики за денешната одлука на шпанскиот Врховен суд упати и фудбалскиот клуб Барселона.
Фудбалскиот клуб наведе дека „затворот не е решение“ и оти „само преку политички дијалог“ мора да се дојде до независноста на Каталонија.

Клубот ги повика политичките лидери да водат дијалог и преговори и да изнајдат начин за ослободување на затворениците.

Шпанскиот Врховен суд денеска осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор поради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година.

Тројца други обвинети се прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.

Поранешниот претседател на каталонската Влада, Ориол Хонкурес е осуден на 13 години затвор заради бунт и злоупотреба на јавните фондови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...