Рафално по Тимоние – со замаглен нишан

Лесно е, како што се укажува, да се разбере разочарувањето што се шири во Западен Балкан поради тврдите ставови на Макрон. Но потешко е да се разбере зошто Туск, Јункер и Хан изразија толкаво разочарување, имајќи предвид дека Франција не била премногу тивка околу своите гледишта за натамошното проширување. Француските ставови сепак беа доволно познати.

3995

Читањето и толкувањето на пораките што произлегоа од тензичните дискусии на последниот Самит на ЕУ, посебно кога станува збор за настојувањето на францускиот претседател Макрон пресудно да влијае на курсот на Унијата спрема Западен Балкан, се одвива мошне екстензивно. Иако некои аспекти сепак нудат можности да се искристилизираат поконкретни заклучоци.

Со вистинска канонда реакции и навреди се соочи францускиот амбасадор Тимоние, обидувајќи се да ја објасни политичката интервенција на неговиот претседател, кој, како што многумина тоа сакаат да го прикажат, сосема неочекувано ја торпедираше политиката на ЕУ-проширувањето. Тимоние го извлече подебелиот крај поради политиката зад која Франција сè поочигледно застанува, со заложби да се наметне со лидерски позиции во Европа, а околу што се слушнаа толку силни зборови, меѓу другото и од страна на Жан Клод Јункер, дека станува збор за „историска грешка“.

Поддршка за отпочнување на преговорите за членство на Македонија и на Албанија можеби најмногу доаѓаше од членките од Источна Европа. Во овој контекст делумно доаѓа до израз и политиката што се заговара во Будимпешта, Варшава и Прага, кои би сакале во рамки на ЕУ да видат повеќе земји со ист поглед на национализмот и имиграцијата, а Балкан-политиката најчесто се поврзува со силни лидери и мошне малку со мек либерализам. Со исклучок на Полска, Источноевропејците се надеваат дека ќе успеат да го поместат фокусот на европската надворешна политика повеќе во нивна насока, посебно кога станува збор да се добијат при донесувањето на ЕУ-одлуките повеќе позитивно настроени членки кон Русија.

Оттаму се наметнува и прашањето дали ЕУ навистина може да остане пасивна препуштајќи им на други големи сили да го контролираат европското соседство? Аргументите сепак добиваат и обратна перспектива. Русија всушност веќе има силни врски со повеќе ЕУ-членки, посебно во Источна Европа, а кои не се менуваат поради самото ЕУ-членство. Такви развиени врски има и Кина, меѓу другото со својата инвестициска платформа 16+1 што ги врзува за себе цела Источна Европа и Балтикот.

Контекстот сè понагласено се разјаснува и преку економијата. За некои ЕУ-членки, во спредба со други, е поисплатливо да се крене рампата за Балканот. Пред сè за земјите што се наоѓаат поблиску географски. Германија, како и секогаш, посебно се издвојува и веќе има поголема трговија со Вишеградските земји отколку со САД и Кина, а е значајно присутна и на Балканот. Овој дел на Европа според многу нешта претставува германска интересна сфера.

И сега, од таква гледна точка, повторно се поттикнува дебатата која секогаш се води кога ЕУ ги разгледува можностите за прием на нови членки. Франција, поддржана од повеќе земји со кои ги дели ставовите, гледа ризик од ослабнување на ЕУ со тоа што станува потешко да се постигне согласност во процесот на одлучување. Пред сè натамошното проширување, со споменатата директна интересна сфера на Берлин, не се смета за посебно поволен развој од хоризонтот на Париз. Класичниот противпотег на Франција секогаш бил да се бара продлабочување на ЕУ-реформите, следејќи ја линијата на засилувањето на позицијата на Германија во европската соработка.

Отфрлајќи ги аргументите за отворање преговори со Македонија и со Албанија, Макрон повторно нагласи дека ЕУ-соработката се соочува со закани, политички и економски, и дека мора да се засили хомогеноста за да може да се брани. Искуствата од евро-кризата или околу мигрантската криза, јасно зборуваат дека ЕУ и понатаму не е способна да ги собере и сосредоточи силите за спроведување на важни реформи, туку дека тоа се одвиваше премногу споро, имајќи ги предвид и споменатите интересни сфери. Лошо функционира со 28 членки, смета Макрон. Како да се очекува дека ќе функционира подобро со 29 земји, 31 или 32?

Токму затоа Макрон делумно отстапи од познатиот француски метод да се бараат реформи во однос на давање согласност за нови ЕУ-членки. Сега всушност отиде чекор понапред оспорувајќи го темелот врз кој се потпира проширувањето, поставувајќи го прашањето „зошто Унијата мора да води добрососедска политика што секогаш мора да води кон ЕУ-членство“. Тоа на крајот би довело ЕУ да се претвори само во пазар со слаба координација.

Беше ли Макрон осамен со своите ставови на ЕУ-самитот? Не сосема. Данска го поддржа, а холандскиот премиер Марк Руте на пресконференцијата по завршувањето на Самитот рече дека двете земји кандидатки не се подготвени. Во Стокхолм шведскиот премиер Ловен во парламентарниот ЕУ-совет пред Самитот рече дека „не сме потполно сигурни оти проширувањето треба да се случи токму сега“.

Во најширок контекст би можело да се рече дека прашањето што Германија го поставува денеска е какви реформи посакува францускиот претседател пред да каже „да“ за Македонија и за Албанија. Макрон јасно ја изрази дилемата околу прашањето како земјите што сакаат да го редуцираат ЕУ-буџетот (Германија), или тие што сакаат да добијат повеќе ЕУ-дотации (Вишеградската четворка), се борат едновремено да пуштат внатре нови, сиромашни членки кои само уште повеќе ќе ја оптоварат ЕУ-касата.

Но, во крајна линија може да се очекува дека Макрон ќе бара и други нешта, освен отстапки во ЕУ-буџетот, пред да ја крене рампата за преговори со земјите кандидатки. Можеби и една обемна евро-реформа. Цената на такви барања, во некоја форма, ќе се очекува да ги плати Германија.

Лесно е, како што се укажува, да се разбере разочарувањето што се шири во Западен Балкан поради тврдите ставови на Макрон. Но потешко е да се разбере зошто Туск, Јункер и Хан изразија толкаво разочарување, имајќи предвид дека Франција не била премногу тивка околу своите гледишта за натамошното проширување. Француските ставови сепак беа доволно познати.

Затоа, рафалните напди врз Тимоние, низ недоволно изострен и замаглен нишан, по сѐ изгледа завршуваат на рабовите на метата или надвор од неа. ЕУ-самитот заврши, но кога завесата се спушта Тимоние сепак останува од оваа страна, во предниот план, и ќе мора да продолжи да зборува за реформите кои како предуслов ги бара неговиот шеф.

Залудно се става гласникот на отстерел, без да се согледа дека пораката што ја носи и понатаму повикува на – дијалог и соработка.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...