Вкупните депозити во Македонија во јуни се зголемени за 0,8 отсто на месечна основа, главно заради растот на депозитите на корпоративниот сектор, кои имаат учество во растот од 72,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.
Анализирано на годишна основа, во јуни продолжува нагорниот тренд на раст на депозитите што достигна 9,9 отсто. Овие остварувања се резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.
Вкупните депозити на домаќинствата во јуни оствариле месечен раст од 0,3 отсто којшто се должи на депозитите во странска валута, при минимален пад на денарските депозити. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 7,9 отсто со речиси подеднакво учество на депозитите во денари и депозитите во странска валута.
Кај корпоративниот сектор, пак, вкупните депозити бележат месечен раст од 2,3 отсто и годишен раст од 12,7 отсто соодветно. Нагорната месечна промена главно се должи на зголемувањето кај краткорочните депозити во странска валута (придонес кон растот од 77,0 проценти), а годишниот раст произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, при пад на краткорочните денарски депозити.
Во јуни паричната маса оствари месечен раст од 0,8 отсто, во најголем дел како резултат на растот кај краткорочните депозити, кои придонесуваат со 83,7 отсто во месечната промена. Годишната стапка на раст на паричната маса изнесува 10,1 отсто, при остварено зголемување кај сите компоненти. Гледано од аспект на придонесот на одделните компоненти, најголем дел од годишната промена произлегува од растот на депозитните пари, по што следуваат краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години.