Основен план, еколошки елаборат и 650.000 евра се потребни за да се изгради фотоволтаична централа од еден мегават на државно земјиште. Сите кои ќе конкурираат на тендерот за добивање на државно земјиште за изградба на фотоволтаица од еден мегават ќе треба да обезбедат банкарска гаранција од 75.000 евра. Доколку ја добијат локацијата треба да платат и комунална такса од 10.000 евра и приклучок на мрежата кој ќе ги чини од 20.000 до 30.000 евра зависно од локацијата Македонски Брод или Свети Николе. Доколку на тендерот биде понудена најниската цена на премиумот од 0,01 евро тогаш за инвеститорите се зголемува износот на пари кои треба да ги потроши за износот на надоместокот кој ќе биде постигнат при наддавањето. Инвестицијата е соодветно повисока за фотоволтаиците од 2,5 или 10 мегавати колку што ќе бидат градени на двете локации.
Овие пресметки беа презентирани на денешната расправа за тендерот за изградба на фотоволтаици на државно земјиште кој е распишан од денеска, а ќе трае до средината на август.
– Нема скриени трошоци за овој тендер, ниту пак некој може да влијае на изборот на инвеститорите, оти сите параметри се познати, а постапката е едноставна јавна и транспарентна – рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на презентацијата што се одржа денеска во Стопанската комора, а ја организираше Македонската енергетска асоцијација.
Инвеститорите можат да конкурираат за три површини на локациите. Но оние кои конкурирале за површина од 10 мегавати моќност на фотоволтната централа нема да можат да конкурираат за површина од еден мегават и обратно. Еден инвеститор може да конкурира за површина која овозможува моќност на фотоволтаицата од вкупно 17 мегавати, односно за 10+5+2 мегавати.
Анѓушев информира дека главен критериум за добивање на некоја од локациите, е понудата за Премиум која инвеститорите ќе ја достават во апликацијата, дозвола за изградба ќе добијат оние кои ќе понудат понизок Премиум, односно ќе побараат пониска субвенција од државата. Максималниот баран премиум од државата изнесува 15 евра по мегават час произведена електрична енергија, додека минималниот што може еден инвеститор да го понуди е 0,01 евро.
– За да се задоволат потребите на сите инвеститори, парцелите на кои ќе се гради се поделени на разни големини, има парцели на кои ќе може да се изградат фотонапонски електрани од 10 MW, 5 MW, 2 MW и 1 МW. Земјиштето се доделува на 50 години, а комуналната такса е договорено со општините да не биде повисока од 0,5 евра за квадратен метар. Владата, во име на инвеститорите, ги заврши и преговорите со операторот на дистрибутивната мрежа, при што е договорена атрактивна цена од 20-30 илјади евра по приклучок за секој инвеститор – рече Анѓушев.
Тој, како што рече, верува дека овие инвестиции ќе бидат препознаени од банките и малите инвеститори ќе можат да конкурираат на овој тендер.
– Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да отпочнете инвестиција, а остатокот да го земете како кредит. Значи секој оној што може да издвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на овој тендер, или со други зборови секој што има два стана може да ги стави под хипотека и да учествува на овој тендер – рече Анѓушев.
На државните локации во Свети Николе и Македонски Брод ќе се градат фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 35 мегавати. Локациите се во село Азамбегово (Свети Николе) и село Манастирец (Македонски Брод).
За неколку недели, информира вицепремиерот, ќе биде објавен и тендерот за приватно земјиште.
– Таму ќе бидат 27 мегавати, што значи дека со постојните 35 имаме вкупно 62 мегавати. Тоа е повеќе од три пати од сѐ што е досега инсталирано во државата, а има инсталирано околу 18 мегавати во сите години досега – рече тој.