Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) распиша Конкурс за доделување на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга од жена-писател, член на ДПМ, објавена во периодот од мај 2018. до крај на октомври годинава.
Книгите во еден примерок треба да се достават во просториите на ДПМ најдоцна до 10 ноември годинава, секој работен ден меѓу 9 и 12 часот или по пошта, на адреса: ДПМ, ул. „Максим Горки“, бр.18, 1000 Скопје. Како што информираат од ДПМ, изборот ќе го изврши писател-селектор, а ќе го потврди претседателството на асоцијацијата.
Наградата се состои од плакета и ќе биде врачена на посебна свеченост во Друштвото на писатели на Македонија.
Со оваа награда се поттикнува поетското творештво на жените-писатели и се возобновува споменот на македонска поетеса Даница Ручигај, која трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес на 29-годишна возраст.