Распишани конкурси за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“

152

Министерството за култура денеска соопшти дека се распишани конкурси за државните награди „11 Oктомври“ и  „22 Ноември“ за годинава. Конкурсите ќе бидат отворени од 1 до 31 мај 2019 година. 

Конкурсите се објавени и на вебстраницата на Министерството за култура.

Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава. Под условите определени во конкурсот, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Паричниот износ на државната награда „11 Октомври“ изнесува петнаесет просечни месечни плати во државата исплатени во последните три месеци во тековната година. На награден поединец му се доделува диплома, плакета и паричен износ. На секој член на наградена група творци или екипа му се доделува диплома, плакета и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Под условите утврдени во конкурсот, таа може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и иинституции од странство. Паричниот износ на државната награда „22 Ноември“ изнесува пет просечни месечни плати во нашата држава исплатени во последните три месеци на тековната година.

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ. На секој член на наградена група творци или екипа им се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ, а на наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Иницијатива за доделување на овие две награди може да поднесат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани, кои треба подетално да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (адреса-улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во која е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето. Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон. Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 20 примероци, а трудови (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во два примерока.

Иницијативите треба да се достават до Министерство за култура – Одбор за доделување на државната награда „22 Ноември“, ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 – Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...